Кај нас (Втор Дел)

by Yugolancer


Posted on Friday, January 6, 2017



Овој текст го објавувам на барање на другар ми Ацо – еден племенит човек какви што ретко има денес, кој ми даде забелешка дека во претходниот текст има само анализа а нема понудено решение.

Најнапред да се оградам и да кажам дека мојот одговор ќе биде само во политичка смисла, а за одговор во смисол на етнопсихологија и психоанализа, ќе мора да се чита Фројд.

И уште да напоменам дека со претходниот текст не пишував научна дисертација, туку блог-пост и тоа без одредници, без графикони и без тематски целини. Напросто изнесов едно мислење, а не научен факт и не мислам да го бранам пред комисија.

Види, за да се бавиш со политичка анализа не мора да бидеш доктор на науки, ниту академик затоа што политиката е премногу слична на животот. Најважниот критериум за да се размислува политички, е да се мисли длабоко. Мора да се мисли во контекст, вертикално и хоризонтално во времето и просторот. Анализата а многу посериозна од гледање вести и читање странски сајтови.

Кој сака да проникне во политиката, најпрвин мора да проникне во животот. Нормално во онаа мера во која ни е дозволено тоа, бидејки еден дел од нашето битисување и постоење засекогаш ќе остане затворен за разбирање. Ама до каде може, до таму да се оди. И нормално треба да се има некаков интелектуален потенцијал.

Да се вратам на темата од претходниот пост. Ќе бидам многу краток.

Животот ако го исчистиме од филозофија, ќе стане едно големо балансирање. Појава која се подесува на дневна база и која бара дневно подесив одговор.

Кој ги има одговорите на сите прашања и кој е спремен да ја подреди нацијата на принципи, тој ќе влезе во читанките и во учебниците по етика. Според сите прилики, ние во поновата историја сме немале таков.

Кај нас политичарите (нашите технолози на власта) кои несомнено се модел на однесување на нашата раја, го имаат истиот малограѓански менталитет кој е опишан во претходниот текст.

Тие се толку банални и примитивни што ми се чини и дека не може да се објасни тоа.

Кога последен пат сме слушнале нешто длабоко и паметно од некој политичар?

Само се повторуваат оние увезени термини од ЕУ и САД па затоа ќе чуеме, демократија, меѓународна заедница, меѓународен фактор а во последно време се почесто го употребуваат зборот “стабилност“.

Секој што барем малце размислувал за политика знае дека политиката нема задача да одржи стабилност, туку како да се одржи себеси и својот народ среде нестабилност - која несомнено е постојана. Па, кога има невреме, морнарот не се обидува да го стабилизира морето, туку бродот. Тое е она што нашите политичари не го разбираат. Тие се отсечени од животот. Отсечени од природните текови на работите.

Како и да е, ние докажано не знаеме да избереме и секогаш кога сме бирале сме правеле погрешен избор (Киро, Бранко, Љубчо, Грујо...). А чудно, секогаш кога не сме бирале (Тито) сме имале подобар “избор“.

Во суштина секој се снаоѓа како знае и умее зависно од околностите. Некогаш ќе преживееш со борба, некогаш со колаборација а некогаш со компромис.

И сега, во функционална смисла не е проблем што Бранко, Љупчо и Грујо се колаборационисти, туку што со колаборација не успејаа макар да го запрат растурањето на нацијата и на државата. Тие не се трампаа, туку дадоа!


Copyright © ASPNETer 2006 - 2016