Кај нас (Петти дел)

by Yugolancer


Posted on Wednesday, February 8, 2017



Минатиот петок имав еден неуспешен обид да ја проследам Мирка Велиновска како гост кај оној несреќен Миленко. Верувајте ми, не издржав повеќе од десетина минути.

Најверојатно нивната математика е дека ќе има нови избори, а баба Мирка дошла да агитира за Груевски и да го претстави како жртва на западот кој немал избор бидејки наводно му вршеле голем притисок. Ама сега демек со изборот на Трамп, сме ослободени и така сега е време да си ги решиме сите наши проблеми, само ако сите гласаме за Груевски.

Јадно, па не може појадно. Дно!

Ја мислев за попаметна, за помудра.

Со големо жалење морам да констатирам дека таа вечер го изгуби целиот кредибилитет кој го имаше. Барем за мене.

И друго да кажам. Вие слободно гласајте ако сакате, ама јас не!

Не знам дали некогаш сте размислувале за тоа, но да си знаете дека бирачкото право е најевтино право кое го имате. Единствено право кое го стекнувате со полнолетство. Значи штом така лесно се добива, тоа право не вреди ништо. Секое друго право што сакате да го добиете, мора нешто да дадете или да направите за возврат. Едниствено бирачкото право е совршено бесплатно и баш затоа што не значи ништо.

Кога би значело нешто, би било многу скапо.

Сеедно гледам дека никој во Македонија не се залага за не-излегување на избори, небитно дали се локални, парламентарни или претседателски.

Значи овде е сосема извесно дека никогаш нема да има ораганизиран бојкот на избори бидејки нема кој да организира бојкот. Сите наши политички “организации” само гледаат како да се прикопчаат на некој буџет, било тоа општински или републички.

Уствари кај нас и нема политички организации. Македонија е држава без политика. Земја во која генерално не се води политика воопшто. Политиката како дејност е исфрлена а ова што денес го има е само симулација на политика, всушност извршување на налози од западот и едно 3-4 екипи кои сето тоа го покриваат, прикриваат. Дури имаме ситуација каде секој пораз на политиката се слави. Тоа е цврст доказ дека политиката ја нема.

Можеш ти да водиш некаква вазална политика во одредени услови, но фатално е кога водиш таква политика а немаш никаква добивка за себе, односно за државата. Овде се е дадено, а не е добиено ништо. Единствено личните банковни сметки се по-полни, во тоа сум сигурен.

Е бидејки политиката како јавна дејност ја нема, и е претворена во приватна дејност, со самото тоа и партии не постојат. Има само лидер и гребатори кои му викаат ура а на тебе не ти дозволуваат да кажеш нешто спротивно.

Значи да сумираме, ние денес веќе живееме во некоја пост-демократија од која нема назад.

Уште Цицерон во времето кога демократијата умирала во Рим, кажува дека пристојните луѓе, веќе нема да излегуваат на избори.

Така мислам дека ќе се случи и кај нас за скоро време. Еве да предвидам, за едно 4-5 години на избори нема да излегува никој кој не одгледал барем 2 сезони од малата невеста, и по една сезона од парампарче и црната роза.

Друштвениот талог ќе биде единствен слој кој ќе гласа за 5 години.

Единствено што ме теши е дека меѓу младите луѓе созрева свест дека ова што се случува, не се привремени тешкотии во кои има западнато демократијата, туку дека таа како облик на владеење и начин на политички систем има западнато во една терминална фаза од која враќање нема.

Постарите генерации тоа уште не го гледаат затоа што се растени и воспитувани по сосема поинаков шаблон, па сеуште веруваат дека мртов коњ може да трча, односно дека демократијата повторно ќе се поправи и дека ќе дојдат некои добри луѓе, на местото на овие лошите.

Тоа е онака како бајка и повеќе личи на некоја народна приказна одошто на живот.

Сеедно сакав да кажам:

- Мирке, што се однесува до мене, можеш слободно да си продолжиш да ги анимираш гласачите и да се брукаш да подоле нема.


Copyright © ASPNETer 2006 - 2016