Кај нас (Шести дел)

by Yugolancer


Posted on Sunday, February 12, 2017



Како што зборувавме претходно, партии одамна не постојат бидејки сите тие групи се во служба на парите и на капиталот.

И сега гледам многумина како се исчудуваат, зошто се преговара, договара, наговара итн. се со цел да се постави влада по желба на запад.

Сите треба да знаат дека на власт секогаш се доаѓа со нагодби, додека изборите се тука само да замачкаат очи.

Кој подобро памети, сигурно ќе се сети и на Глигоров на кој не му се допаѓаше ниту еден од четирите предложените кандидати па си покани свој.
Да бидам искрен ова и јас го имав заборавено ама пред некој ден кај Чомовски го кажа проф. Шкариќ.

Значи, изборите се само претстава, односно начин да се распредели политичката моќ, и сето тоа да изгледа законски.

Многу пати кажав, ама да кажам уште еднаш: времето на демократијата е одамна позади нас и за тоа не треба да се има сомнеж.

Процесот на некрозија на демократијата е неповратен, ама сепак уште многу години демократскиот појмовник ќе владее со умовите на професорите, интелектуалците па дури и со умовите на уличните политиканти.

За овие последните, не е ни чудо, ама образованите луѓе кои имаат поминато низ т.н. хуманистички науки, многу добро знаат дека процесот на антропија на демократијата е опишан пред повеќе од два милениуми.

Дури и некои надмоќни умови на нашата епоха ја имаат опишано нејзината пропаст уште на почетокот на 20-от век.

За мене е неверојатно како еден човек не може да одвои објективни движења и факти од свои лични убедувања и желби, дури и кога е многу паметен и образован.

Денеска е сосема бесмислено да се гледа на светот низ призма на демократски појмови како што се парламентаризам, права на поединеци и на граѓаните или изборни права.

Тоа е сосема бесмислено, бидејки е очигледно дека сите тие појмови ја имаат изгубено содржината и ако ги сведеме на пракса ќе видиме дека целосно се наоѓаат под диктатура на парите.

Рекапитализација [1] на Р. Македонија не започна со приватизација на фабриките, туку со окупација на политичкиот систем со помош на парите. Тоа беше претпоставка за транзицијата.

Воглавно шемата на демократизација оди вака: прво се купуваат неколку партии и медиуми, се организира некаква портокалова револуција а потоа на власт се носу група на квислинзи [2].

Тогаш политичкиот систем паѓа во рацете на странците и на домашните предавници и дури тогаш распродажбата е можна.

Кој владее со политичкиот систем, владее и со економијата, а не обратно како што мислат доктринарите.

И наместо да увидат дека процесот на окупација и грабеж на државата е нужен, односно дека е последица на опадната демократија во светски размери, нашите "интелектуалци" сакаат да ја поправат демократијата.

Тоа воглавно го прават така што на Америка и прогнозираат пропаст во скоро време, на Русија воздигнување, а на демократијата воскреснување.

Ацо другар ми, сигурно памети дека и јас во една пригода прогнозирав пропаст на Америка. Нема ништо од таа работа. Тоа се лични желби, проектирани врз политички случки, кои пак личните желби не ги земаат во обзир.

Ние и во поглед на Груевски ги имаме измешано причината и последицата.

Груевски не предизвика расипување на политичкиот систем како што викаат овие другите, туку расипаниот политички систем доведе до појава на луѓе како што е Груевски.

Во други времиња и тоа не многу подобри, луѓето како Груевски имаат многу ограничен домет. Освен тоа Европа е полна од разни Грујовци, што покажува дека е во прашање процес а не случајна појава.

Нормално широката јавност не ги воочува овие процеси а оние образованите кои ги воочуваат, или ги тумачат погрешно или како што што кажав, се платени да шират забуна.

Многу е наивно да се мисли дека после него на власт ќе дојде некој подобар. Идејата дека на власт ќе дојде некој наш Де Гол, е наивна до таа мерка што само сонувачи може да се занесуваат со неа.

Напротив на власт ќе доаѓаат уште поцрни и полоши од Груевски а веќе можете да ги видите на политичката сцена.

Да сублимираме. Како и сите политички системи и демократијата или рок на траење да речеме 100 години од кои половина време се воздига, а половина време опаѓа.

За жал ние денес живееме во време на нејзино полно пропаѓање, во кое парите ја бијат својата последна и најголема битка.


[1]
Рекапитализација (англиски Recapitalization, германски Neukapitalisierung) е доброволно преобликување на сопственоста на една компанија.

[2]
Од Википедија — слободната енциклопедија
Квислинг е термин кој потекнува од името на Видкун Квислинг, норвешки политичар и соработник со нацистите за време на Втората светска војна.
Во симболичната и фигуративна смисла денес се користи за нелојална соработка во која било смисла, што резултира со оштетување на сопствениот народ или средина, од каде што и припаѓа лицето кое соработува.


Copyright © ASPNETer 2006 - 2016