Нововерци

by Yugolancer


Posted on Monday, March 6, 2017



Лично никогаш не сум сакал да разговарам на тема ВЕРА. Сметам дека за тоа аргументи нема, а нема ни начин да се докаже кој е верник а кој не, па затоа мојата вера не ја ставам на пазар и ја нема на понуда.

Сеедно среќавам еден поприлично голем број на Македонци на кои им е многу добро што од скоро се верници и кои ете имаат потреба да кажат и да го споделат тоа со сите.

Затоа сакам да ги потсетам Македонците, дека христијанството ни е натурено и дека ние не сме теолошки обработени како што многу ново-православци сакаат да веруваат. Не знам ни како го замислуваат тој процес, ама најверојатно си мислат дека пред 20 века некој им праќал богословии на неписмените сељаци да го толкуваат Светото писмо, а потоа народот како од гром погоден одлучил да биде Христов.

Небитно што они веруваат во бајки, Македонија е покрстена со сила бидејки во некое друго време на некого му требала државна црква и сакал на народот да му се всади казна за превара, за кражба итн.

Можеби не биле сите покрстени со сила. Најверојатно некои од нив биле и подмитени ама се сомневам дека има значајна бројка на оние што биле теолошки убедени.

Ама како што реков за ново-православците, покрстувањето е идила. А каде и кога покрстувањето било идила и не работел мечот? Каде?

Среќа во несреќа е што овој народ некако успеал да си ги сочува племенските култови и се она што е убаво, топло и човечно во нашата вера. Се она што го негуваме од пред христијанството, а тоа се обичаи, ритуали, бадњакот, црвените јајца итн.

Инаку христијанството како вера без емоции, створена на теологија, градена врз принципите на причина и последица и која ни ја наметнуваат метаноичари е потполно страна и неприродна за битието на овој народ. Таа вера стана како приватна на горе споменатите “вчера-покрстени” кои дават кого ќе стигнат.

Оставете го народот да си верува како што верувале нивните предци и не им ги наметнувајте вашите "концепти".

Да бевте добри, немаше едни на други да си ги објаснувате обичаите за Божиќ.

Малку ли е што овој несреќен народ морал да ја брани својата единствена мешавина од племенска и христијанска вера од Турците и од секаков друг олош кој харал со овие простори, па сега мора и од вас нововерците да ја брани.

Одам понекогаш во црква и ги гледам овие што доаѓаат од длабоко атеистички семејства и наеднаш доживеале метаноја[1]. Дискутираат меѓу себе како нештата се прават правилно.

Се ми се чини дека тие верата ја доживуваат како таблица множење бидејки ја учат на памет и без грешки.

Ги гледам како ги дават поповите да им тумачат обичаи. Е мои сонародници, тешко си на вас што верата ја учите од поп а не од својот татко, дедо, родител...

А какви ни се поповите, комотно можат да дојдат кај мене јас да ги научам што се обичаи.

Ги гледам јас нововерците и кога во деновите на пост јадат заедно. Си покажуваат едни на други колку се верни.

Кога се мрси, секој за себе.

Тоа се вика новоправославен егзибиционизам или забава за снобови. Тие внатре се манекени на Македонштината и православието.

Епа, нема тука ништо ниту од вера, ниту од нација.

Сеедно овие луѓе не се без вредност и брзо би ја упиле верата кога би поминале некое време на село. Веднаш ќе го разберат она што овде во градот стално им бега. Може и понекоја неделна литургија да пропуштат. Може и во црква да не одат воопшто зошто претарано дружење со попови ги расипува луѓето па дури и ја квари верата.

[1]
Метаноја е (грчки μετάνοια, metanoia - зад умот) старогрчки израз кој значи промена на ум, да се предомислиме.
Во теологија се користи во смисол на покајание.


Copyright © ASPNETer 2006 - 2016