Херојство

by Yugolancer


Posted on Thursday, December 21, 2017



Во една прилика Ацо ме праша за Груевски:
- па што не се жртвува?

Можеби овој текст ќе му даде одговор!?

 

Она што Слободан Праљак го направи во хашката судница е секако силен шамар за Хаг, ама и за нас Македонците.

Овој херојски чин ни покажа колку сме застраниле и до која мерка кај нас е опаднато чувството за живот и воопшто за светот.

Додека ние несомнено ги уништуваме нашите традиции, обичаи, култови, историја, епика и вера, Хрватите создаваат нови митови и херои.

За разлика од нив, наместо херои ние растеме т.н. “Мудри Државници” кои се повеќе не обезличуваат и кои мечтаат за некаква ЕУ во која сите ќе бидеме еднакви и повеќе нема да има Грци, Албанци, Бугари, Шпанци и Германци ... ама најпрвин ќе нема Македонци. Може ќе има некакви Нови Македонци, ама Македонци нема да има.

Сеедно нашите усти се полни со нашите херои.

Секој наш политичар е нарекуван херој, без нималку свест за она што навистина значи зборот херој. На секој од нив му залепивме етикета херој, дури и на оние кои свесно правеа предавства.

Да се биде херој, е потребен гест, а не положба/функција. Имало и ќе има функционери кои коректно и совесно ќе си ја обавуваат својата должност но тоа нема да ги направи херои.

И Праљак до пред некој ден беше само еден од многуте хрватски генерали. Неговиот гест и неговото одбивање да ја прифати вината го направија херој!

Пиењето на отровот е одбрана на неговата невиност или барем на неговото чувство дека е невин. Значи со живот, а не со зборови.

Од нашите херои никој не стисна тоа што треба да се стисне и на тој начин да ја брани неговата лична, а и нашата невиност.

Нашите херои се подмитени со згрижување на семејствата, ветени привилегии по истек на мандатот, пензии и убави куќи и станови.

Мирно и молчечкум, потпишуваа капитулации, промени на име, разни пржински договори и се останато што значеше уништување на националното чувство.

После 25 години тупење дека храброста значи да се распродаде сѐ, дека потпишување охридски договор е врв на херојството, дека молчење и повлекување пред секого е израз на достоинство, ние го изгубивме шифрарникот за етички кодекс.

Па така денес најголеми живи македонски херои се Груевски и Заев, што ќе беше невозможно ако ние како народ го немавме изгубено етичкиот код.

Невозможно е да си херој како предводник на шарена револуција и да фрлаш куртони кон државните институции или како мудар лидер мирно да го набљудуваш истото.

Тие како мерка за херојство користат лимузини, квадрати земјиште, банкарски сметки ...

Епа и Праљак беше богат човек, ама тоа не му беше поважно од дигнитетот. Нашите херои за разлика од него можат да живеат без дигнитет, ама не и без станови и дебели пензии.

Ееејјјј цела провалија зјае помеѓу херои и “херои” и на тоа не потсети генерал Праљак. Не само што Македонија не раѓа херои повеќе, туку ние веќе немаме разбирање ниту за туѓиот херојски гест.

Нашата прва реакција на социјалните мрежи беше:
- што се уби, кога ионака ќе излезеше за месец дена и кога е полн како брод.

Никој не се сети дека во нас луѓето има нешто повеќе од тоа и дека не се живее само во егзистенционален свет.

Како и да е, Праљак со својот гест изрази симбол кој Македонците очигледно го имаат заборавено а тое е дека во големите симболи, нема богатства, нема привилегии и нема калкулации.

Во таквите симболи, постои само етичка порака.


Copyright © ASPNETer 2006 - 2016