Кај нас...

by Yugolancer


Posted on Wednesday, January 4, 2017



Кај нас се е испревртено. Се што можело да се преврти, ние сме испревртеле.

Ни школото не е за нас. Aко некој учи малку ќе остане полуписмен со уверување дека знае понешто и со уверување дека сите големи прашања можат бескрајно да се поедноставуваат додека не бидат разбрани од секоја будала.

Од друга страна, ако некој “преучи”, и тој губи мерка и допир со луѓето и со проблемите. Само неписмените имаат шанса да си ја спасат душата и паметта.

Ете така сме создадени напросто.

Секое знаење или струка која во моментот неможе да се претвори во пари ние ја презираме па си заклучуваме дека нпр. Астрофизичарот е чудак, Адвокатот е преварант кој ни е потребен, Лекарот е селски врачар, Диригентот е будала која само мавта со стап а Архитектот е паразит кој е непотребен.

- И без него куќа можам да си направам. Па и дедо ми сам ја има направено.

Ако денес отркриеме некоја тема, нпр. чекајки на ред кај фризерот сигурно ќе напипаш некоја ревија и внатре да речеме тема параглајдинг. Навечер сите во друштвото ќе мора да слушаат за твојата новооткриена страст кон параглајдингот. Тоа што никогаш нема да купиш параглајдер и нема да леташ, тоа нема врска. Си имал свој момент на слава.

Недај боже да внесеш библија во кенеф. Онака наутро, после првото кафе кога ќе те протера. После пола саат стануваш од шоља како религиозен фанатик и почнуваш да ги давиш луѓето зборувајки им за убавините и врлините на нашата православна вера. Нормално тие не те сфаќаат сериозно, повеќе те гледаат како да си прележал менинигитис ама ти ги давиш се повеќе, па кој ќе победи. Дури и речникот ти се сменил, уште малце и латински ќе прозбориш.

Значи со еден збор, нашиот отпор кон подлабока мисла е ЕПСКИ! Се ни е на површина, се ни е пред очи и се е упростено до мера на непрепознатливост.

Сите значајни животни прашања ги сведуваме на тривијалност а тогаш почнуваме да ги тераме другите да ги признаат тие тривии како нешто сериозно. Ако некој одбие ние нормално смртно сме навредени. Се дуриме наместо да се докажуваме едни со други.

Па така, слепи за туѓите а плитки во своите аргументи секој разговор кој треба да биде сериозен го сведуваме на размена на адреналин и на прашање на чест.

Фактите не не вознемируваат ни малку, ама затоа догмите и идеологијата не вадат од кожа. Сосема е надвор од помисла дека под нашите површни мисли може да се наоѓаат мисли постари од 2000 години и дека она што ние сабајле го размислуваме со кафенце, некогаш го размислувал и некој поголем мозок од нас. Овде кај нас, оригиналноста во мислењето се цени повеќе од точноста.

Ние напросто не капираме дека постојат правила во мислењето и заклучувањето и дека постои цела една методологија на мислењето која има за цел да изведе корисни заклучоци, а не да го афирмира “мислителот”.


Copyright © ASPNETer 2006 - 2016