Карикатури

by Yugolancer


Posted on Thursday, August 9, 2018



Како е можно, секоја будала да мисли дека се почнува со него?

Зарем е можно сите луѓе пред него да биле коњи, незнајковци и просто не знаеле газот да си го избришат?

Мене одамна децата ми замераа на моите приказни за нашите обичаи и традиции. Им викам: деца, се што имаме, ни е од мртвите. Јазик, култура, религија ... сето тоа од нив сме го добиле.

Ние немаме смислено ништо ново!

Ама граѓанинот е Homo Novus. Он, како што реков, умислил дека се почнува баш од него.

И он уствари се има само себе.

Он нема предци, нема потомци, он се има себеси. Ете затоа он мртов ладен ќе појде во банка и ќе земе кредит на сметка на следните генерации.

Мојот дедо, никогаш не би земал 1 денар кој јас и моите деца треба да го вратиме. Ама не бил граѓанин, бил сељак!

По слики гледам дека, на око, бил убаво спакуван. Одело, кошула пеглана и се останато, ама по потекло бил сељак од Куманово и како што реков никогаш не потрошил банка која јас треба да ја вратам.

Затоа, ако нешто ви значи мојот збор, немојте да се менувате. Постојаноста одсекогаш била добра човечка особина во македонскиот народ. Знам дека ќе ви се чини дека се други времиња и дека треба да се прилагодувате, ама немојте. Не ве гледа само лидерот на партијата. Ве гледа жената, децата, мајка ви ... не е убаво да се менувате.

Издржете!

Времињате се некогаш добри, некогаш лоши, ама нема везе, тоа е наш живот и не е нормално да се менуваме на секои 5 минути. Каков пример им давате на вашите деца?

Значи признавам дека навистина ни е тешко. Лесно му е на англичанецот да биде граѓанин. Он станал граѓанин со еден природен тек на неговата историјата. Ние го немаме тоа граѓанство како органски развој.

Ајде да погодуваме, ако сме немале допир со Австро-Унгарија, Германија, Франција ... дали мислите дека сами по себе би станале граѓани како последица на природен развој на македонскиот народ? Не, туку и ние сега ќе чувавме овци и крави и ќе копавме тутун и афион. Нам тоа ни е увезено однадвор. И затоа ни стои како најлон чорапи на крава. Ние буквално сме граѓани-карикатури.

Исто како ти сега да го натераш англичанецот да чува овци на Шар Планина. Би изгледал тотално смешно во бриџ панталони и со цилиндар на глава. Тоа е затоа што тоа не спаѓа во негов органски развој.

Затоа кај нас имаш ситуација во која ние живееме туѓи животи, туѓа историја, туѓ политички систем итн.

Ај што сето тоа го правиме, туку и пофално воскликнуваме. Не гледаме дека пропаѓаме, туку воскликнуваме.

Како оној оркестар што свиреше на титаник, додека овој тонеше.


Copyright © ASPNETer 2006 - 2016