Подобар живот

by Yugolancer


Posted on Sunday, January 20, 2019



Веќе е смешно нашето верување дека со само еден изборен процес, или протест, ќе дојде до сериозни промени.

Ние, инаку живееме на "најубавото парче земја", само ете Заев ни пречи да ги уживаме благодетите. Пред него воопшто немаше исти такви идиоти во државниот апарат!? Немаше предавства и немаше крадења!? Колонијализмот е супер, само да се тргне Заев!?

Значи, ако избереме вистинска власт, поштена и добра, ќе станеме подобри луѓе, подобри родители, подобри роднини. Нема да сме толку алчни, помалце ќе пратиме секаков српски шунд и повеќе ќе слушаме македонска филхармонија. Сите ќе бидеме барем 20% пописмени и поубави. Поретко ќе висиме по молови и нема да се честиме во КФЦ и Кинг Бургер. Помалце ќе се курваме и лажеме, и ќе се посрамиме што играме мајтап со дедовската вера и ја изопачуваме со новоправославието. Скоро ми се јави пријател со извик – Бог се јави, чекајки да му возвратам со – навистина се јави.

Неверојатно е колку ние очекуваме од власта да не направи подобри луѓе. Ние длабоко веруваме дека доброто е надвор и дека не треба да го бараме во самите нас. Ете само нова власт да се избере и ние ќе станеме супермени.

И така повеќе нема да има идиоти на важни позиции, туку ќе има отворени конкурси за сите работни места и ќе можеме да си кажеме: изгубив на конкурс, се вработи подобар од мене и не ми е криво.

Она што ние го сакаме го нема ни во бајки.

Силата на еден народ не е во училиштето, туку во начинот на живот. Оној што е субмисивен и скапува по солитери, нема иднина, небитно што мисли за себеси и небитно што мајка му мисли за него.

Да станете подобар човек, татко, подобар пријател, маж, едноставно променете ја власта. Така?

Ние веруваме во брзи и лесни решенија. Сите наши состојби сме ги натовариле врз други. Тоа што сме грабливи, подмитливи и склони на вовлекување во нечиј газ, за тоа се криви Тито, Бранко, Киро, Никола, Заев, ние не сме. Ние сме наивни како новороденчиња.

Родителите не нѐ учеле да бидеме гомна, да си ја заборавиме верата поради стан и подобра плата; не, комунистите не даваа да се верува. Си отиде Тито, ние станавме подобри. Си отиде и Киро, а ние уште подобри. Си отидоа и Бранко, Љубчо и Никола, а ние процутевме. Сега ако си отиде и Заев, ќе полетаме.

Јас мислам вака: со овој памет, со исчекување на лесни и брзи решенија во кои ние не треба да работиме на себе, туку на промена на власта, многу лошо ќе поминеме. Со таква памет, трпењето само ќе се продолжи.

Впрочем, со што тоа ние сме заслужиле подобар свет и живот?


Copyright © ASPNETer 2006 - 2016